HomeПрашања/ОдговориБарајЧленовиЧленски групиРегистрирајте сеВлез

Share | 
 

 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Go down 
АвторПорака
aleksandra
Активен
Активен
avatar

Број на мислења : 1601
Age : 34
опис: : R.I.P. TOSE
Репутација :
18 / 10018 / 100

Registration date : 2008-05-23

ПишувањеПредмет: 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ   Вто Jул 08, 2008 5:42 pm

26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ

По трагичната смрт на најсјајната македонска ѕвезда: слики од детството, од семејството, од кариерата, од сцената, од студијата, од љубовта, со пријателите...

1. КОБНО УТРО



ОД СОН ВО СМРТ

Македонија со голема тага и жал ја испрати во вечноста нашата најголема ѕвезда - пејачот Тоше Проески. Трагичната вест за неговата смрт предизвикана од кобната сообраќајна несреќа на 16 октомври ги потресе сите, предизвика неверување, шок, тага, гнев, очај, молк, плач... Плачеа и жалеа за човек, во вистинска смисла на зборот. Неговата искреност и добрина ги пленеше срцата на луѓето, а со хуманоста и песната на многумина им помогна да си го најдат своето место под сонцето. Синот Божји прерано замина кон Бога, а ангелот земски прерано им се придружи на ангелите небески. Од сон во смрт! Неговиот глас допре до најтврдокорните срца, а со хуманоста помогна таму каде што беше најпотребно. Загубивме голем човек, извонреден пејач и редок хуманист. Зад него остави голем број концерти, настапи, хитови, топли зборови, поучни пораки... Скромноста, домашното воспитување, желбата да им помага на луѓето, на злото врати со добро, ќе останат синоними за ликот и делото на нашиот Тоше. Мегаѕвездата со неповторлива мила ѕвезда и невидена аура околу себе ги топеше срцата на милионите обожаватели кои му се поклонуваа на живо, но и сега кога замина таму од каде што беше испратен. Домашни и странски политичари, амбасадори, колеги, пријатели, светски медиуми му оддадоа почит и со преголема тага го испратија во неговиот вечен дом. И како што ќе рече една негова обожавателка: "Земските простори ти станаа претесни. Замина во освојување на небото. Ѕвезда меѓу ѕвездите. Пеј, ангелу. Раздвижи го синилото. Растерај ги облаците. Прегрни го сонцето. Слеј се во зраците"

2. ДЕТСТВО


КАКО МАЛ САКАШЕ ДА БИДЕ ЛЕКАР

Никола Проески, татко му на Тоше Проески е човекот од кого нашата најголема ѕвезда го наследи уметничкото во себе. Негова професија е гравирање икони. Тој го следеше Тоше од почетокот на неговата кариера, па дури му беше и личен шофер. Популарноста на својот син ја доживуваше како нешто најубаво што му се случило во животот и тоа му годеше. Никогаш не веруваше дека Тоше ќе го достигне врвот, едноставно велеше "ова е божја работа". "Тој уште од мал пееше и правеше комбинација на секаков вид музика од што произлегуваше нешто невидено. На некој начин влијаев врз неговата определба и изборот. Како мал сакаше да биде лекар, но отпосле музиката стана неговиот живот. Тоше гласот го наследи од мајка му, Домника пее убаво".

Моралната поддршка од родителите нашата мегаѕвезда ја истакнуваше во секоја пригода. За дарот што му го дале, на концертите ја искажуваше неговата благодарност кон нив. Мајка му и татко му за него беа нешто свето и во неговите очи останаа луѓе со најголем авторитет. Домашното воспитување беше основата во карактерот на Тоше и во овој поглед беше позитивен пример за младите.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
aleksandra
Активен
Активен
avatar

Број на мислења : 1601
Age : 34
опис: : R.I.P. TOSE
Репутација :
18 / 10018 / 100

Registration date : 2008-05-23

ПишувањеПредмет: Re: 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ   Вто Jул 08, 2008 5:44 pm

3. ПОЧЕТОЦИ



СОНЦЕ ВО ТВОИТЕ РУСИ КОСИ

Првата средба со музиката Тоше Проески ја имаше на 11-годишна возраст со учество на фестивалот "Златно славејче" во 1992 година. Четири години подоцна, учествуваше и победи на тин-фестивалот "Мелфест" во Прилеп. Со "Пушти ме" дебитираше на "Макфест" во 1997 година. Следната година со нумерата "Остани до крај" првпат настапи на Скопскиот фестивал. Истата година тој почна да соработува и со Григор Копров, од чија соработка произлегоа големите хитови "Усни на усни" и "Сонце во твоите руси коси". Со "Твоите бакнежи на моите бели кошули" ја освои првата награда од публиката на Скопскиот фестивал. "Некаде во ноќта" е негов деби-албум што се појави во 1999 година. Истата година Тоше потпиша договор со продуцентската куќа "Авалон", која му организира прв самостоен концерт на Скопското лизгалиште. Една година подоцна излезе и вториот албум на Тоше "Синот божји", кој се памети по хитовите "Немир", дует со Каролина Гочева, "Во коси да ти спијам", "Тајно моја".... Со песната "Сонце во твоите руси коси" ја освои втората награда од жири-комисијата на фестивалот "Сунчане скале" во Херцег Нови 2001 година. Тоше истата година одржа пет концерти во Универзална сала и еден во преполната Сава центар, и набрзо потоа ја заврши соработката со "Авалон продукција".

4. ЛИЛЈАНА ПЕТРОВИЌ



МУ ГО ПРЕДВИДУВАШЕ ВРВОТ

Лилјана Петровиќ, менаџерката на Тоше, за соработката со него вели дека и' "паднала од небо". Во почетокот изјави: "Му предвидувам височина, му го предвидувам врвот. Се плашам дека не можам да го следам".

Се запознаа пред пет години кога Лилја престојуваше во Македонија за да го промовира етнопроектот на Билјана Крстиќ. Тогаш и' се јавил еден пријател од Белград на кого кога му кажала дека е овде, ја прашал: "Да не си таму за да преговараш со Тоше Проески"? Во моментот не можела да се сети за кого станува збор, но тогаш тој ја потсетил на дуетот на Тоше со Гоца Тржан "1.200 милји". Лилја во тој момент се присетила на феноменалниот глас на "малиот". Еден од организаторите на концертот и' кажал дека Тоше е извонреден талент и дека е без менаџери. По контактот што го воспоставиле, и' се допаднал само по пет минути разговор. Без двоумење му понудила четири песни од грчкиот композитор Фивос, кој кога го слушнал неговиот глас, без размислување прифатил да работи со него.

"Кога би имала дете, не знам дали би му посветила толкаво внимание колку што му посветувам на Тоше. Се грижам дали јадел, пиел, дали е нервозен, лут, расположен, што ќе облече. Но, не го сакам како мајка, туку како уметник. Тој е дел од мене и темелно работам на него. Не постои работа која не би ја направила за него", изјави таа во времето кога започнаа да соработуваат.

"Кога ќе почувствувам дека не можам да му помогнам понатаму, ќе им го препуштам на други менаџери и ќе уживам во неговите успеси. Ако видам дека Тоше има поголеми можности, јас ќе бидам таа што ќе го замоли да си оди и ќе бидам премногу горда на него", изјави Лилја пред пет години.

5. КАРИЕРА



ПЕТ ГОДИНИ БАЛКАН И ПОШИРОКО

Тоше својот бум во кариерата го доживеа за време на соработката со менаџерката Лилјана Петровиќ. Неговиот трет албум "Ако ме погледнеш во очи" излезе на македонски и на српски јазик во октомври 2002 година. Овде треба да се истакне неговата соработка со грчкиот композитор Фивос, а автор на текстовите е познатиот српски текстописец Марина Туцаковиќ. Како гости на ова музичко остварување се јавуваат познатиот диџеј Каан, турската група "Харем", а продуцент е Манолис Влахос. Една година подоцна Тоше со "Чија си" (песна на Леонтина) победи на "Беовизија", фестивал во Србија. Оваа нумера стана вистински хит во Србија и дел од популарноста на Тоше во оваа земја и' се припишува токму на оваа песна. Со "Ангел си ти" Тоше ја претставуваше Македонија на изборот за песна на Евровизија во Истанбул 2004 година и го освои 14. место. Истата година го објави албумот "Ден за нас".

"По тебе" или на српски "Пратим те" е албумот што Тоше го издаде во 2005 година и со него постигна голем успех на поранешните југословенски простори. Со нумерите од ова цеде, покрај во Србија, почна да прави кариера и во Хрватска.

Минатата година излезе компилацискиот албум "Божилак" на кој Тоше испеа 14 одбрани македонски песни. Во неговото последно интервју за "Вртелешка", за овој албум изјави дека претставува добар амбасадор на музиката, бидејќи одлично помина во Србија и во Хрватска.

"Игри без граници", неговиот последен албум, излезе во почетокот на август. Новите песни моментно се во врвот на топ-листите во Хрватска. Промоцијата пред македонската публика се случи на големиот концерт што го одржа Тоше на Градски стадион на 5 октомври пред 25-илјадната публика. Тоа беше негов трет и најпосетен концерт. По неговата смрт, овој албум речиси се распродаде во музичките продавници, а исто толку големо интересирање постои и за "Божилак".

6. ЛОНДОН

ИНТЕРНАЦИОНАЛНА КАРИЕРА

Тоше го подготвуваше својот албум на англиски јазик. Седум песни беа готови, а требало да се снимаат уште две на кои тој им посветувал посебно внимание. По гостувањето на Тоше во Лондон, Лилја го истакна воодушевувањето на англиските продуценти кои неговиот глас го окарактеризирале како свеж воздух во простор во кој нема воздух за дишење. Тие истакнале дека каде и да оди, неговиот квалитет е ист.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
aleksandra
Активен
Активен
avatar

Број на мислења : 1601
Age : 34
опис: : R.I.P. TOSE
Репутација :
18 / 10018 / 100

Registration date : 2008-05-23

ПишувањеПредмет: Re: 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ   Вто Jул 08, 2008 5:47 pm

7. ХРВАТСКА



ГРАН-ПРИ НА РАДИСКИ ФЕСТИВАЛ

За подемот во кариерата на Тоше во Хрватска голем придонес имаше дуетот со Тони Цетински "Лагала нас мала". Како резултат на успешниот албум "Пратим те", минатата година тој беше прогласен за најслушан пејач во Хрватска. Нашиот Тоше ќе остане запаметен по тоа што е единствениот странски пејач што победил двапати на Радиски фестивал на Хвар. Овој фестивал во Хрватска го сметаат за најјак и неговите победи доволно зборуваат за неговата популарност таму. Во освојувањето на хрватската музичка сцена му помогна и Антонија Шола, актерка, текстописец и пејач. Со неа го снимија дуетот "Волим осмијех твој" и со оваа нумера учествуваа во кампањата за здрави заби што ја организираше хрватското Министерство за здравство. Шола го напиша и популарниот хит за Тоше "Срце није камен", песна со која ги освојуваше хрватските топ-листи. Тој ја пее и насловната нумера за познатата хрватска серија "Забранета љубов", во која толкува неколку епизодни улоги. Никша Братош, познат хрватски композитор и продуцент, исто така, е застапен на голем дел од песните на Тоше. Тоше неодамна во чест на Ѓорѓе Новковиќ ја отпеа "Остала си увијек иста".

8. ПУБЛИКА

ДАЈТЕ МИ СВЕТЛО ДА ЈА ВИДАМ ПУБЛИКАТА



Тоше живееше за публиката и за концертите на кои разменуваше енергија со нив. Искрено ги споделуваше чувствата и им велеше дека секој ден се' повеќе го прават среќен. Тој сакаше да ги гледа присутните на своите концерти, па секогаш бараше светло за да ги види подобро и да ужива во нивната среќа. Наоѓаше време за делење автограми, им посветуваше внимание на сите што ќе се најдеа во негово опкружување. Публиката ќе му биде вечно благодарна за незаборавните моменти што им ги приредуваше на концертите. Ги обземаше со својата енергија, ги маѓепсуваше, предизвикуваше емоции преточени во солзи. На последниот концерт ги замоли да направат ѕвездено небо од своите мобилни телефони. Ги замоли да не дозволат да изгасне, не можеше да опише колку убаво се чувствува. Од ѕвезденото небо на земја, тој се вивна во ѕвезденото небо горе во вечноста.

9. ГОЛЕМ ХУМАНИТАРЕЦ



ЈАС ШТОТУКУ СПАСИВ ЖИВОТ, А ВИЕ?

Тоше беше именуван за регионален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ во 2004 година.

По овој повод, заедно со детскиот хор на ученици од училиштето за деца со нарушен вид "Димитар Влахов" ја снимија песната "За овој свет" или "This world". Клиниката за детски болести во Скопје вечно ќе му биде благодарна на Тоше, бидејќи парите од концертите што ги одржа во 2004 и во 2005 година ги даде за обнова на оваа клиника. Тој беше еден од најголемите донатори и заштитно лице на кампањата "Пријатели на Клиниката за детски болести". На специјалната сесија за децата, која Канцеларијата на УНИЦЕФ ја организираа заедно со Владата, Тоше ги прозва институциите да креираат "Земја по мерка на децата". Со помош на неговите хуманитарни концерти, комплетно беа реновирани и собите на одделот за хематологија. Во соработка со УСАИД, се вклучи и во проектот за подобрување на образованието во Македонија. "Образованието е одговорност за сите" е мотото под кое се одржа последниот концерт на Тоше на Градски стадион. Средствата собрани од концертот ќе бидат наменети за реновирање на 100 основни училишта во Македонија, меѓу кои и "Никола Карев" во Крушево, каде што тој заврши основно образование. Тоше беше вклучен и во многу хуманитарни акции на Црвениот крст. Една од нив е "Дарувај крв, биди хуман", на која дури дарува крв, порачува: "Јас штотуку спасив живот, а Вие...?" Беше вклучен и во хуманитарната кампања "Сите сме нивни деца" на "Космофон", организирана за помош на старите лица. Добитник е на наградата "Мајка Тереза".

10. СОРАБОТНИЦИ

БЕШЕ ЧЕСТ ДА СЕ СОРАБОТУВА СО НЕГО

Александар Митевски за последната соработка со Тоше, снимањето на македонската национална химна, вели: "Влета во студио со петарпановска чистина и со огромен адреналински набој (иако ги трошеше последните атоми сили) и го отпеа рефренот кој вечно ќе ги бодри спортистите на Македонија. Тоа беше неговиот последен дар за нашата земја. Многупати бараше да се вратам барем уште еднаш за да ја отпее повторно навивачката песна за Македонија. Навидум капнат од умор, никогаш не признаваше дека е уморен и не се штедеше на емоциите, како и милион пати досега кога сме снимале. Беше уморен од постојаните делби на македонскиот народ, колективните малери што ги трпиме и посака да отпее една песна која ќе не' обединува сите нас, макар и во спортот. Со таа емоција влезе, го истури својот раскош на микрофонот и сите не' остави без збор. Како што самиот призна, тоа наежување на кожата кога станува збор за своја земја го почувствувал толку силно што целиот сјаеше од задоволство".

Григор Копров и Огнен Неделковски се луѓето кои оставија важен белег во кариерата на Тоше. "Усни на усни", "Сонце во твоите руси коси"... се песни на Копров со кои Тоше ја почна кариерата и постигна голем успех. За загубата на пејачот, композиторот изјави: "Ме освои со неговата скромност, искреност, талент. Ова е голема загуба за Македонија, изгубивме национално богатство. Имаше само 26 години и животот беше пред него. Никогаш нема да го заборавам".

Текстописецот Огнен Неделковски се потпиша на голем број хитови на Тоше, а исто така ја направи и документарната серија "Пет години Балкан", посветена на кариерата на Тоше во последните пет години: "Ги отпеа моите најубави текстови, пееше за моите тајни, за моите кошули, за моите солзи. Беше голем човек, најголемиот што го познавам. Чест ми е што го познавав, што пишував за него, што бев дел од неговата блескава кариера. Бев сведок на сите негови успеси. Чувствувам силна болка, како да умре дел од мене, оној што пишуваше за Тоше Проески. Ова е голема загуба за Македонија, за музиката, за светот што не го запозна нашиот голем пејач".

11. ОБРАЗОВАНИЕ

ГОЛЕМА ЉУБОВ КОН КЛАСИКАТА

Тоше Проески беше студент на Музичката академија во Скопје, ја завршуваше последната година од студиите. Со неговата професорка Билјана Јовановска сакале завршниот испит да го подготват на високо ниво, Тоше да настапи заедно со Македонската филхармонија. Имале дефинирана програма, требал да пее оперски арии и наполитански песни: "Тоше беше невиден тенор. Каде и да одеше во светот, секаде му кажуваа дека е нешто посебно. Беше голем драмски тенор, имаше моќен глас каков што светот одамна немаше чуено", изјави Билјана Јовановска, неговата професорка по соло-пеење.

Тоше постојано го надградуваше својот глас земајќи часови по пеење кај врвниот американски професор Вилијам Рејли, кој беше учител и на најпознатиот светски тенор Лучијано Павароти. Освен што го сакаше рокот и порасна со таа музика, тој негуваше и голема љубов кон класичната музика. Остана неисполнета неговата желба да сними албум со оперски арии.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
aleksandra
Активен
Активен
avatar

Број на мислења : 1601
Age : 34
опис: : R.I.P. TOSE
Репутација :
18 / 10018 / 100

Registration date : 2008-05-23

ПишувањеПредмет: Re: 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ   Вто Jул 08, 2008 5:52 pm

12. КРУШЕВО и БИТОЛА



ДУШЕВНА РЕВИТАЛИЗАЦИЈА

Крушево и Битола имаа посебно место во срцето на Тоше. Каде и да одеше, какви убавини и да гледаше, најубаво се чувствуваше во неговиот роден и во градот под Пелистер. Во својата камера што ја носел секаде каде што патува, Тоше ги снимил Интернатот каде што живеел, Музичкото училиште, цела Битола. Нашиот пејач го сторил тоа на едно враќање од многубројните патувања. Таму го пронаоѓаше својот душевен мир. Беше со оние што најмногу ги сака, родителите, сестра му, внуците. Најважно му беше тие да бидат живи и здрави и колку што е можно повеќе време да поминува со нив. Тие му даваа сила и му ја враќаа енергијата што ја губеше со патувањата.

13. ЉУБОВИ



СО БУДИМИР СЕ ЧУВСТВУВАШЕ УБАВО

Тоше велеше дека за него сите девојки се убави. За онаа покрај него, пак, имаше желба да го сака поради неговата личност, а не само затоа што е Тоше Проески. Неговото име се поврзуваше за манекенки и спортистки. Во почетокот на кариерата беше во четиригодишна врска со неготинчанката Благица Мицова. Многу често престојуваше во Неготино, а со неа се појавуваше и на јавни настапи. По Благица, му се случи љубовта со поранешната ракометарка на "Кометал Ѓорче Петров" Андријана Будимир. Со неа се запознале вечерта по освојувањето на европската титула на "Кометал Ѓорче Петров". За средбата и љубовта со Тоше, за еден хрватски медиум Андријана изјави: "Со Тоше бевме во врска три години. Се запознавме на плоштадот во Скопје, кога по победата со 'Кометал' ни приредија пречек. Во 3 часот по полноќ отидов во едно кафуле каде што атмосферата беше како во лудило. Една моја соиграчка не' запозна и се случи љубов. Луда, луда, луда! Таква каква што се случува еднаш во животот".



И кога беа разделени, Тоше и Андријана останале во контакт. Но, пред девет месеци тие го интензивираа нивното, како што го нарекоа, пријателство. Летоска, Андријана престојуваше со него во Крушево, а заминаа и заедно на одмор во Израел. Андријана ги демантираше пишувањата во медиумите дека се во врска, туку дека станува збор за пријателство. Истото тоа го кажа и Тоше на последното интервју за "Вртелешка": "Се чувствувам убаво. Не сум сигурен како ќе се одвиваат работите, затоа не можам предвреме да говорам. Сега за сега станува збор за блиско пријателство, а ако треба нешто да се случи, ќе се случи".

Манекенката Бојана Тевчева, одбојкарката Софка, водителката Снежана Стојковска, исто така, се девојки за кои медиумите пишуваа дека се во врска со Тоше.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
aleksandra
Активен
Активен
avatar

Број на мислења : 1601
Age : 34
опис: : R.I.P. TOSE
Репутација :
18 / 10018 / 100

Registration date : 2008-05-23

ПишувањеПредмет: Re: 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ   Вто Jул 08, 2008 5:55 pm

14. СПОРТИСТ



ОДБОЈКА И КИК-БОКС

Тоше ги сакаше одбојката, каратето и кик-боксот. Од минатата година активно тренираше одбојка во крушевскиот клуб "Нико Доага", сега "Синалко". Нашол нов спонзор и го издигнал клубот. Со своите другари од детството го одигра последниот натпревар вечерта пред да се случи катастрофалната несреќа. По победата на тимот, Тоше се чувствувал најсреќно во животот. Другарството со неговите од Крушево го сметаше за најискрено. Тој беше вљубеник во спортот, а за тоа сведочи и тренирањето кик-бокс и карате. За да ги совлада овие борачки вештини, најмногу му помогна македонскиот врвен каратист Дејан Недев со кого Тоше беше близок пријател. Скијањето што го научи на падините на своето родно Крушево, исто така, му беше голема пасија.

15. СТРАНСКИ МЕДИУМИ

БАЛКАНСКИ ЕЛВИС ПРИСЛИ

Јелена Бадовинац, хрватска новинарка во "Екстра", од медиумската групација НЦЛ

Не можев да верувам дека е мртов. Го сакав поради две причини - одличен пејач и одличен соработник. Беше човек со кого никогаш не беше тешко нешто да се реализира, лесно се доаѓаше до него, а од него извираше неверојатен сексапил. Беше најпристојниот маж кого некогаш сум го сретнала. По него, "Зајди зајди" веќе никој нема така да ја отпее. Тој беше миленик на сите жени во Хрватска. Кога имаше концерт, се купуваа нови градници за да се фрлаат потоа на сцена. Го сакаа сериозните и урбани жени, девојчињата. Речиси сите Хрватка имаат цеде од Тоше во својот автомобил. Неговата победа на Радиски фестивал доволно говори за неговата популарност, бидејќи тоа е најјакиот фестивал во Хрватска.

Лилјана Ристова, главен уредник на канадско-македонските вести во Торонто

Лилјана Ристова била интервјуирана од National Public Radio во Њујорк, а меѓу другото водителот ја прашал: "Кое беше тоа прекрасно младо момче, толку популарно низ целиот Балкан, бидејќи ситуацијата во Македонија е иста како во САД кога беше убиен Џон Ленон и кога умре Елвис Присли?" На крајот на разговорот била пуштена: "Зајди зајди".


16. РЕАКЦИИ ОД ОБОЖАВАТЕЛИ



ПЕЈ СО АНГЕЛИТЕ

Покажа дека срцето не е камен

Не' распејуваше, а сега сите не' растажи

Не веруваме на очите што гледаат,

на ушите што слушаат.

Не успеа да ја продолжиш својата приказна

А, можеби и ова не беше дом за тебе,

можеби небото е твоја граница.

И се' се сведува на можеби

многу зошто, ниедно затоа.

Пеј со ангелите,

а ние преку Тебе

затоа што:

"Ангел си ти"

Филип Дамјаноски, фан


Тој за Македонија и за Македонците направи повеќе од кој било херој, воопшто. Заслужува да се нарекува Тоше Македонски. Божјиот син отиде кај Бог, ангелот кај ангелите

Светлана Динковски, Лондон

17. ВЕРА



ФАЛА МУ НА БОГА!

Насмеаното момче од Крушево, на кого славата му беше предодредена и токму затоа му "стоеше" како нешто најприродно, никогаш не заборави кој е и од каде е. Тој беше човек што го величаше Бога и во него имаше најголема верба. Секогаш му се заблагодаруваше што му дава здравје. Постојано носеше крст кој често го бакнуваше, а прекрстувањето му беше ритуал пред секој концерт. Беше донатор на манастирот "Свето Преображение", што се наоѓа седум километри од Крушево и за оваа црква ќе изјави: "Сите ние грешиме и желба ми е, а и мисија на некој начин, да го видам завршен. Да биде полн со луѓе од сите краишта на земјата кои веруваат во Бога, зашто многу е специфично местото. Верувајте ми, тоа го знае секој што бил таму!" За жал, ниту оваа желба не му се исполни на Тоше Проески.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
aleksandra
Активен
Активен
avatar

Број на мислења : 1601
Age : 34
опис: : R.I.P. TOSE
Репутација :
18 / 10018 / 100

Registration date : 2008-05-23

ПишувањеПредмет: Re: 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ   Вто Jул 08, 2008 5:57 pm

18. МАКЕДОНСКИ СИН

ЗАСЛУЖЕН ГРАЃАНИН

Владата на Република Македонија го прогласи 17 октомври за Ден на жалост, а еден ден пред тоа, постхумно го именува ѕвезденото момче за почесен граѓанин на Република Македонија.

19. ИНИЦИЈАТИВИ



НЕЗАБОРАВ ЗА НЕГОВАТА ЉУБОВ

По повод прераната смрт на македонскиот идол, Агенцијата за млади и спорт одлучи една од салите, кои се дел од владиниот проектот "35 спортски сали" и која се наоѓа во Бутел во кругот на ОУ "Живко Брајковски", да го носи името на Тоше, кој беше страстен навивач на македонските репрезентации кои ги бодреше на многу натпревари. Доказ за тоа е и неговото последно музичко остварување "Македонија навива за вас", песната-конкурент за македонска навивачка химна која беше промовирана на фудбалскиот натпревар, помеѓу репрезентациите на Македонија и Андора, што заврши со 3 : 0 за нас и кој му беше посветен нему. Илјадници граѓани од сите возрасти на Градскиот стадион пееја "заедно" со Тоше, држејќи ја неговата фотографија во рацете, обединети, како никогаш досега, со моќната енергија на ангелскиот глас што остана и по неговата смрт.

АД "Македонска пошта" соопшти дека ќе издаде комеморативна поштенска марка со ликот на Тоше Проески, а постхумно е именуван за почесен амбасадор на Детската амбасада за сите деца во светот. Група помлади и возрасни граѓани од Битола поведоа иницијатива Средното музичко училиште во овој град да го носи името на доблесната поп-икона и поставија пано-табла во училишниот двор со натпис Средно музичко училиште "Тоше Проески" - Битола.

20. СВЕТОТ ЗА ТОШЕ



МОЌЕН ГЛАС И НЕЖЕН ИЗГЛЕД

Пејачот со ангелски глас, балканската поп-ѕвезда, македонски пејач со нежен изглед - се епитетите со кои странските медиуми јавуваа за трагичното загинување на "балканскиот Елвис Присли".

Најголемите светски агенции, како што се Ројтерс, Асошиетед прес, германската ДПА и британскиот сервис Би-Би-Си, известуваа за смртта на Проески, а британскиот "Хералд" пишува за Тоше како претставник на Македонија за Евровизискиот натпревар во 2004 година кој со "својот добар изглед и романтични балади" ги освои срцата на многубројни обожаватели во поранешна Југославија.

"Глоуб енд мејл" од Торонто го нарекува Проески една од најголемите поп-ѕвезди на Балканот, редовно избиран за најпопуларен уметник во државите на поранешна Југославија. "Луѓето плачат на улиците во Македонија, а учениците во училниците. Денеска е Ден на жалост", пишува весникот.

Некои канадски портали го именуваат Проески како пејач со "моќен глас и детски изглед", кој работеше со неколку големи уметници, како што е рок-легендата Џеф Бек.

Официјалните страници на "Евросонг", исто така, ја пренесоа веста за смртта на Тоше Проески, потсетувајќи на неговиот спектакуларен настап на натпреварот во 2004 година.

Популарниот австралискиот Интернет-портал Undercover.com.au објави дека Македонија денеска е во жалост по смртта на поп-пејачот Тоше Проески. "Тој имаше голем број хитови низ Балканот уште од дебито во 1999 година", се наведува во текстот. "Луѓето отворено плачат на улиците, а радиостаниците постојано ги пуштаат неговите хитови".

Сите балкански гласила објавуваа извештаи за несреќата, кариерата и за погребот на Тоше во неговото родно Крушево, и за Денот на жалост во кој Македонија му оддаде почит на мегаѕвездата.

"Почина големиот македонски и балкански пејач", беше насловот на прилогот во ударниот термин на Албанската национална телевизија, во опширен прилог илустриран и со снимки од настапот на "големиот Тоше" во Тирана пред три години, а словенечката новинска агенција СТА објави детална биографија на прекрасниот поп-пејач.

Речиси сите претседатели на земјите-соседи упатија телеграми со сочувство до семејството на Тоше Проески и до претседателот Бранко Црвенковски.

21. ТРАГЕДИЈА



ЗАГИНА ВО СОН

Кобен ден за харизматичниот Тоше беше 16 октомври 2007 година. Во вторникот околу 6,25 часот, на 170. километар од автопатот А-3 Загреб - Липовац, два километра оддалечено од клучката кај Нова Градишка, во Бродско-посавската жупанија во правец кон хрватскиот главен град, трагично беше прекинат краткиот живот на најомилениот Македонец. Џипот "фолксваген туарег" со регистарски таблички СК - 485 РК, кој бил управуван од триесет и двегодишниот Ѓорѓи Ѓорѓески, удри во камион со приколка со италијански ознаки БГ 28680, а потоа и во средишната банкина на автопатот. Тоше Проески, кој спиел на совозачкото седиште, од силината на ударот загинал на местото на несреќата. Во судирот тешко е повреден возачот, додека менаџерката на Проески, Лилјана Петровиќ (49), полесно е повредена, бидејќи се наоѓала на задното седиште. Судењето на Ѓорѓески ќе се одвива во Македонија, јави Интернет-порталот Индекс, повикувајќи се на изјава на жупанискиот државен обвинител Стјепан Харамустек.

Вокалот без граници брзаше во Загреб на саботното шоу на ХТВ "69" што го води Златан Зухруќ - Зухра, а наредниот ден требаше да го сними видеоспотот за хитот "Вежи ме за себе" во Пореч.
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
aleksandra
Активен
Активен
avatar

Број на мислења : 1601
Age : 34
опис: : R.I.P. TOSE
Репутација :
18 / 10018 / 100

Registration date : 2008-05-23

ПишувањеПредмет: Re: 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ   Вто Jул 08, 2008 6:00 pm

22. КРИСТИЈАН ГАБРОВСКИ, МУЗИЧАР



"Страшно е што веќе го нема, но најтешко им е на неговите родители, на семејството. Тоше Проески беше единствениот македонски пејач што ги премина границите на државава во таа мера и немаше тука да застане. Македонската музика изгуби премногу и не ми се верува дека во скора иднина ќе се појави ѕвезда од таков калибар под нашево небо.

Меѓутоа, сето ова се случи поради грешки во процедурата, затоа што Тоше беше незаштитен. Знаете, Проески носеше многу пари, на многу луѓе значи, беше многу важна личност. Важна личност како него не патува до Хрватска како да оди на излет. Таков човек го вози професионален шофер, а професионален возач ги почитува сообраќајните правила, не дозволува да се седи напред и така натаму. Можеби, доколку беа испочитувани законитостите на водењето таква популарност, се' ќе беше поинаку. За тоа кој е виновен за оваа трагедија мислам дека може да се дискутира во иднина", вели Кристијан Габровски, продуцент и композитор.

23. ВРАЌАЊЕ ДОМА



ДРЖАВНИ ПОЧЕСТИ ЗА БОЖЈИОТ СИН

Посмртните останки на Тоше со хеликоптер на АРМ вечерта на 16 октомври беа пренесени во Македонија. Веднаш по пристигнувањето на Скопскиот аеродром, ковчегот со телото беше префрлен на лафет и со возило испратен во неговиот дом во Крушево, според желбата на неговото семејство.Наредниот ден во книгите на жалоста беа испишани илјадници пораки, училиштата работеа со скратени часови, а таксистите низ скопските улици во организирана колона возеа со фотографии од Тоше и со трубење на сирените во чест на македонската музичка ѕвезда минаа низ повеќе скопски улици.

Со солзи, свеќи и цвеќе два дена река народ се слеваше на Градскиот плоштад во Скопје, а граѓаните со тага и болка се збогуваа со најголемата македонска поп-ѕвезда. Толку почит и љубов кон една личност изразена толку спонтано не се видело на овие простори. Иста беше сликата и во другите градови низ Македонија, а жалењето по современиот херој, по големиот човек беше речиси опипливо.

24. БЕЛГРАД

НЕ ПОБРЗО ОД ЖИВОТОТ

Денот по смртта на Тоше, во Белград осамна билборд со слика на Тоше Проески, како предупредување на возачите, на кој пишува "Не побрзо од животот". Бора Чорба изјави: "Длабоко сум несреќен поради оваа трагедија. Тоше беше извонреден пејач и многу добро, воспитано момче. Тоше пееше и еден мој текст. Навистина, бескрајно сум тажен!"

25. ПОГРЕБ



НАЈТАЖНИОТ ГРАД

На 17 октомври во Крушево се собра сета македонска болка. Пред споменикот "Македониум" се собраа десетици илјади негови роднини, пријатели, колеги, претставници на дипломатскиот кор, соработници, спонзори, граѓани за да го поздрават за последен пат пред вечното почивалиште на Градските гробишта во неговиот роден град.

Погребната церемонија започна со црковниот обред во храмот "Успение на Пресвета Богородица" во Крушево, црквата во која бил крстен Проески, а беше погребан со највисоки државни и верски почести. Со посмртните звуци на Воениот оркестар на АРМ и марш на почесниот вод, ковчегот со останките на Тоше беше донесен на Гумење, каде што народот се поклонуваше и положуваше свежи венци пред неговото мртво тело. "Го изгубивме кога најмногу ни требаше. Замина со песна исто како што и дојде. Неговите песни беа како молитва за Македонија. Пеејќи се молеше и молејќи пееше. Денеска се простуваме од најголемиот војвода на песната на нашето време. Тоше, продолжи да пееш и на небото, а придружба нека ти бидат ангелските хорови", рече поглаварот на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој чиноначалствуваше со погребната церемонија во сослужение со повеќе владици. Тој додаде дека Македонија и Крушево по Илинден 1903 не биле обвиени во олку голема тага.

"Тоше замина премлад во легендите, но остави непроценливо богатство зад себе. Ни остави љубов, верба, надеж. Тоше имаше ѕвезда. Чисто срце и душа. Денеска Македонија му се поклонува на Тоше. Тој ги врати вредностите и остави пораки до секоја генерација, Тоше е пример што треба да се следи и почитува", додаде премиерот Никола Груевски.

Најтешки моменти преживуваа неговите најблиски, родителите Никола и Домника и сестрата Дора, видно премалени од болката.

26. РЕКА НАРОД



ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ

Со Тоше за последен пат се поздравија и претседателот Бранко Црвеновски, премиерот Никола Груевски и цел државен врв, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски, повеќемина министри и пратеници, градоначалникот на Скопје Трифун Костовски, американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван Фуере, повеќе делегации, претставници на организации, соученици, соиграчи...

Трагичната смрт на Тоше ја обедини и македонската естрада, која заедно тагуваше. Сочувство до најблиските и последен поздрав до Тоше дојдоа да упатат и Светлана Цеца Ражњатовиќ, Тони Цетински, Жељко Јоксимовиќ, Аки Ракимовски, Владо Георгиев...

Тоше беше погребан во Алејата на великаните. Државното знаме со кое беше покриен неговиот ковчег му беше предадено на неговиот татко Никола Проески, а во негова чест беа испукани три плотуни. Во времето кога беше закажана погребната церемонија, целиот сообраќај во Скопје беше запрен. Погребот на момчето што мислеше секогаш на незаштитените, слабите, малите го пренесуваа националните телевизии и неколку од соседните земји. Плачеше целата земја.

превземено од Глобус
Вратете се на почетокот Go down
Преглед на профилот на членот
Sponsored content




ПишувањеПредмет: Re: 26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ   

Вратете се на почетокот Go down
 
26 ПРИКАЗНИ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ
Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Вратете се на почетокот 
Страна 1 of 1

Permissions in this forum:Не можете да одговарате на темите во форумот
 :: Тоше Проески :: КОЈ е, и ШТО е-
Отиди до: