Јавноста во Хрватска е згрозена! Управниот одбор на наградата Порин го направи најголемиот срам во историјата на хрватската музичка индустрија, бидејќи наместо во шест, трагично загинатиот Тоше Проески го номинира во три категории на манифестацијата.
Ова го тврди интернет-порталот Sutra.hr, дополнувајќи дека на почетокот, името на Проески фигурирало во категориите за албум, песна, дует, аранжман, снимка и продукција на годината, но Управниот одбор на Порин на крајот одлучил да го номинира во три категории.
Тоше сега се појавува во категориите за најдобар странски пејач, песна и аранжман, иако неговата издавачка куќа Хит рекордс не го пријавила да се натпреварува за овие награди.
Според порталот Сутра, индикативно е тоа што само неколку дена по смртта Проески, одеднаш, на мистериозен начин е префрлен од домашната на странската музичка листа на Хрватското дискографско здружение. Сутра тврди дека во истиот ден кога го промениле статусот на Тоше, луѓето од Управниот одбор се јавиле кај директорката на Хит рекордс, Кристина Крајна и побарале македонската мегаѕвезда воопшто да не ја пријавуваат на Порин. Интернет-весникот укажува дека последниот албум на Тоше, Игри без граници, ги соборил сите рекорди во Хрватска, песната со истоимен наслов е најголем балкански хит, а лани Проески победи и на Хрватскиот радиски фестивал.
Аргументите што одат во прилог на починатата ѕвезда се и тие дека песните од неговото последно остварување се на хрватски јазик, целиот материјал е снимен во Хрватска, а е издаден за хрватската дискографска куќа Хит рекордс. Сутра потсетува дека, покрај ова, Тоше загина во Хрватска, патувајќи кон Загреб, каде што требаше да се појави во шоу на Хрватската телевизија. И дека е светски амбасадор на УНИЦЕФ, односно граѓанин на светот.
Објаснувањето од одборот на Порин е дека Тоше Проески е Македонец, притоа заборавајќи на двојниот критериум што го имаат за изведувачите, се вели во текстот на Сутра. Во 2005. година, во категоријата за најдобар албум на годината победил Едо Мајка и покрај тоа што е Босанец и има пасош од таа земја. Дури и не соработувал со хрватски автори, а дискот го издала словенечка издавачка куќа. Настаните поврзани со наградите Порин и со Тоше предизвикаа бес и неверување кај хрватските фанови и медиуми.
Многу обожаватели, на форумот на официјалната интернет-страница на Проески ги поставија следниве прашања: Зошто Тоше е тргнат на таков начин?, Дали некој се плаши од триумфот на Македонецот со ангелски глас?,Кому му пречи Македонецот што за неполни две години стана ѕвезда број еден во Хрватска?...
Сутра укажува дека на овие дилеми треба да одговори Управниот одбор на Порин. Многумина се прашуваат дали сето тоа е поврзано со издавачката куќа Хит рекордс со која соработуваше Проески и која секогаш објавува само квалитетни изданија. Сагата за Порин трае со години, а опстанува затоа што на хрватската сцена нема попрестижна манифестација, се вели во текстот на интернет-порталот Сутра.
Мирослав Рус:
Тие не знаат што загубивме, но ние знаеме што имавме...
Мирослав Рус, кој на албумот Игри без граници се јавува како продуцент и автор на најголемите хитови им се обрати само на фановите на Тоше.
Драги пријатели, по којзнае кој пат уште еднаш ја допревте мојата душа со љубовта што ја покажавте кон нашиот Тоше. Сакам да знаете дека со соработниците од Хит рекордс направив се за да ја исправам или да ја намалам неправдата што од старт му ја нанесе Управниот одбор на Порин.
Поминавме низ ситуации за кои не бев свесен дека постојат во 21 век во една земја што е на прагот на Европската Унија. Затоа бележиме дека и номинацијата во три категории е успех бидејќи и на овој начин ќе бидат забележани миговите на еден голем човек и уметник кој ни подари глас што ретко се слуша и душа која некој ретко ја има.
Тие не знаат што загубивме, но ние знаеме што имавме - истакнува, меѓу другото,Мирослав Рус.