На специјална седница на Советот на општина Крушево, која би се одржала веднаш по празниците, најверојатно ќе се донесе одлука, плоштадот во овој град, Домот на културата и спортската сала да се преименуваат во Тоше Проески.
Веста синоќа ја објави А1 телевизија. Во извештајот на нивниот дописник од Крушево се вели дека по донесувањето на оваа одлука, ќе се чека само одобрение на семејството на Тоше.
Исто така, се разгледува и иницијативата која што најверојатно би можела да биде и усвоена, на познатиот хрватски скулптор Стапарат, да изработи скулптура на Тоше висока три метра, поставена на плато од оникс, која би била осветлена со специјални рефлектори.
Оваа статуа најверојатно би била поставена некаде во центарот на градот, помеѓу црквите Свети Никола и Свети Јован.
Инаку вчера, преку А1 Телевизија, семејството Проески и меѓународната фондација Тоше Проески, на сите православни верници во Македонија им го честитаа најголемиот христијански празник Велигден.
По повод овој ден, Фондацијата на 26 социјално загрозени семејства од Крушево им додели хуманитарни пакети во храна и облека.
Инаку веќе е и извршена проверка на генералниот урбанистички план на Крушево, во кој е вклопена и изградбата на спомен куќата на Тоше и меморијалниот центар кој ќе се гради во близина на неговиот гроб.
Реализацијата на куќата се очекува да започне некаде во ноември оваа година, а интензивно се работи на изградба на патот до манастирот Свето Преображение, којшто го градеше Тоше.
Веќе е започната и реализација на иконостасот од мермер за манастирот, кого ќе го прави познатиот српски скулптор и академик Милан Ракочевиќ.